Пред самиот почеток на преодниот рок во НБА лигата, пазарот веќе гори по блокбастер-размената на Јанис Адетокумбо во Мајами Хит и преминот на Ламело Бол во Минесота. Следниот голем потрес би можел да пристигне од Масачусец, со оглед на тоа што Бостон Селтикс се подготвени да го трејдуваат МВП-то од финалето во 2024 година, Џејлен Браун, со цел да донесат капитално засилување во рекетот.
Главен пик на управата на „зелените“ е крилниот центар на Кливленд, Еван Мобли, кој зад себе има одлична сезона со просек од 18,2 поени и девет скокови. Иако Кавалирс го гледаат Мобли како долгорочен лидер на франшизата и немаат намера лесно да се откажат од него, особено со оглед на неговиот тежок договор вреден 220 милиони долари, Бостон веќе интензивно го опипува теренот. На Селтикс им е неопходна поголема длабочина под кошевите, па иако на драфтот од 27-та позиција го избраа центарот Крис Сенак Џуниор, претседателот Бред Стивенс инсистира на инстант-квалитет за напад на титулата.
Пазарната вредност на Браун моментално е на самиот врв. Минатата сезона, во долгото отсуство на повредениот Џејсон Тејтум, тој ја одигра најдобрата година во кариерата и заврши како шести во гласањето за МВП на регуларниот дел. Бостон неодамна се обиде да го испрати Браун во Милвоки заедно со два пика од првата рунда за Адетокумбо, но Бакс се одлучија за пакетот на Мајами. Доколку Стивенс во наредниот период не успее да најде адекватен пакет кој ќе донесе врвен внатрешен играч, тогаш најверојатно препознатливото дуо Тејтум-Браун ќе остане заедно во Бостон уште една сезона.

