Аргентинскиот гигант Бока Јуниорс успеа да избори пласман во осминафиналето од Копа Судамерикана, откако во реванш натпреварот го елиминираше чилеанскиот О’Хигинс по подоброто изведување пенали со 4:3. Минималната предност од првиот меч не беше доволна за мирен реванш, па гостите мораа да минат низ вистинска драма на стадионот „Ел Тениенте“ во Ранкагва, особено по притисокот и нарушената атмосфера од убедливиот поразот од Депортиво Риестра на стартот од домашното првенство.
Домаќинот О’Хигинс ја искористи резервираноста на Бока и од самиот почеток тргна поизразено кон противничкиот гол. По израмнетото и прилично мирно прво полувреме, Чилеанците ја крунисаа подобрата игра во 72. минута кога Франсиско Гонзалес со ефектен волеј-ударец ја затресе мрежата и донесе водство од 1:0. Аргентинскиот тим дури тогаш се обиде да возврати, а најблиску до израмнување беше резервистот Флорес кој во 78. минута ја погоди пречката.
Бидејќи во Копа Судамерикана нема продолженија при нерешен вкупен резултат, рулетот од белата точка ја донесе одлуката. Трагичари за домаќините беа Тијаго Весино кој шутираше над голот и Луис Павез чиј удар беше одбранет, додека одлучувачкиот погодок за победа на Бока го постигна Лаутаро Бланко. Во следната фаза од ова натпреварување Бока Јуниорс ќе ги одмери силите против парагвајскиот Депортиво Риколета.

