Италијанската репрезентација повторно се најде во центарот на вниманието поради случувањата околу националниот тим и неговото раководење. Во целата ситуација свое мислење даде и хрватската фудбалска легенда Звонимир Бобан, кој добро ја познава италијанската фудбалска сцена. Поранешниот играч на Милан посебно застана во одбрана на својот некогашен соиграч Паоло Малдини.
Бобан категорично порача дека Малдини не е човекот кој ја „предал“ Италија, коментирајќи ги и околностите околу неговиот краток престој во структурата на Милан. Според Хрватот, сите треба да му бидат благодарни на Малдини за она што го направил за фудбалот во текот на својата кариера.
„Зависи какви договори имало и кој кого предал. Сигурно тоа не е Паоло“, порача Бобан.
Тој се осврна и на одбивањето на Пеп Гвардиола да ја преземе италијанската репрезентација, нагласувајќи дека шпанскиот тренер има огромна почит кон Малдини, но очигледно сметал дека моментот не е вистинскиот. Бобан зборуваше и за Андреа Пирло, признавајќи дека како тренер немал особено успешна кариера. Сепак, смета дека Пирло одлично разбира што значи националниот тим и дека фудбалерите во него препознаваат човек со огромно фудбалско знаење.
„Тој не е глупав, а играчите го гледаат фудбалскиот гениј во него“, додаде Бобан.

