Интервјуа и Анализи Меѓународен ракомет Ракомет

Блаж Јанц за Sportei.mk: Во Келн нема лесни противници, но Барселона оди на победа!

По германската пресметка меѓу Фуксе Берлин и Магдебург, вниманието вечерва од 18:00 часот ќе биде насочено кон второто полуфинале на Ф4 турнирот во Келн, каде што силите ќе ги одмерат Алборг и Барселона. Станува збор за дуел на два клуба кои добро се познаваат, а нивните меѓусебни натпревари во последните години донесоа неколку незаборавни европски битки.

Фокусот, сепак, е насочен кон Барселона, најтрофејниот клуб во историјата на Лигата на шампионите, кој повторно пристигнува во Келн со јасна цел, враќање на европскиот врв. Каталонците имаа доминантна сезона, убедливо ја освоија својата група и без поголеми проблеми стигнаа до завршниот турнир, покажувајќи дека повторно се меѓу главните фаворити за титулата.

Едно од клучните крила на каталонскиот гигант, Блаж Јанц, ексклузивно за www.sportei.mk ги сподели своите очекувања пред овој голем дуел. Словенечкиот репрезентативец се осврна на улогата на фаворит, патот до Келн и рецептот за победа против незгодниот дански претставник.

На притисокот се гледа како на мотив…

Да се носи дресот на Барселона значи постојано да се живее со императивот за победи и трофеи. Јанц смета дека тимот веќе има развиено силен менталитет кој знае како да се носи со тежината на улогата „прв фаворит“…

„За Барселона притисокот е нешто сосемa нормално. Навикнати сме на тоа секоја година, на секој натпревар. Свесни сме за нашата сила, но во Келн нема лесни противници. Дојдовме тука максимално подготвени и фокусирани само на нашата игра.“

Патот до завршниот турнир за Барселона изгледаше рутински, но зад секоја победа стои сериозна клупска стратегија и континуитет кој се градеше со месеци во групната фаза…

„Зад нас е навистина одлична сезона во која покажавме стабилност. Клучно беше што уште од почетокот наметнавме силен ритам и успеавме предвреме да го обезбедиме првото место во групата. Тоа ни донесе мир и простор добро да ги испланираме следните чекори до Келн.“

Алборг е тим кој бара максимална претпазливост

Историјата и традицијата се на страната на каталонците, но Словенецот предупредува дека Алборг е екипа која поседува огромен квалитет и може да казни секое невнимание на теренот…

„Алборг е врвна екипа со одлични поединци кои можат да направат разлика во секој момент. Добро се познаваме, сме играле големи натпревари против нив и знаеме дека нема да биде лесно. Клучот ќе биде во нашата одбрана и брзата транзиција.“

На крајот, желбата за нов европски пехар е она што го движи целиот состав на Барселона, а Јанц порачува дека мотивот е на највисоко ниво…

„Кога играте на „фајналфор“, мотивот е секогаш огромен. Ова се натпревари за кои се живее и се тренира цела година. Сакаме да го вратиме пехарот таму каде што припаѓа и ќе дадеме сè од себе за да ја израдуваме Барселона со нова европска титула“ изјави Јанц.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.