Капитенот на Манчестер Јунајтед, Бруно Фернандеш, го одигра еден од најлошите воведни делови од натпревар во својата премиерлигашка кариера. На дуелот против Тотенхем на „Олд Трафорд“, португалскиот плејмејкер влезе во комплетен контраритам, а анализата на англискиот „Атлетик“ откри бизарен податок, му беа потребни дури 23 минути за да го запише своето прво точно додавање на мечот.
Јунајтед имаше огромни проблеми да се ослободи од високиот пресинг на противникот, во најголема мера поради тоа што нивниот главен организатор на играта постојано грешеше во дистрибуцијата на топката. Сепак, и покрај лошата фаза на Фернандеш, домаќините успеаја да дојдат до водство преку Брајан Мбеумо.
Но, ниту предноста, ниту фактот што Тотенхем во завршницата остана со десетмина играчи на теренот не беа доволни за „црвените ѓаволи“ да ги сочуваат сите три бода. Во судиското надополнување, Доминик Соланке постигна израмнувачки гол и ги зави домаќините во црно, што предизвика огромна фрустрација кај Фернандеш, кој луто и без коментар замина во соблекувалната по уште еден несфатлив тимски кикс.

