Репрезентација на Македонија Фудбал

Бирократска грешка во Полска го исфрли Чурлинов од репрезентацијата!

Македонската фудбалска репрезентација претрпе неочекуван и бизарен удар пред самиот старт на историската мисија во Б-дивизијата од Лигата на нации. Селекторот Гоце Седлоски нема да може да смета на крилниот офанзивец Дарко Чурлинов за претстојниот репрезентативен прозорец и дуелите против Швајцарија, Словенија и Шкотска, а причината не е повреда, туку невиден административен хаос.

Главниот виновник за оваа ситуација е неговиот клуб Погон Шчечин, чија администрација недозволиво задоцни со започнувањето на постапката за обезбедување на работна дозвола и регуларен престој во Полска. Бидејќи Чурлинов веќе го надминал дозволениот лимит од 90 дена престој во Шенген-зоната, какво било негово напуштање на територијата на Европската Унија и доаѓање во Македонија во овој момент би значело автоматизирани проверки, сериозни правни санкции и ризик да му биде забранет повторниот влез во Полска. Со оглед на тоа што за комплетирање на документацијата се потребни најмалку две недели, Чурлинов е практично заробен во ЕУ.

Фудбалската федерација на Македонија, која уште пред три недели уредно го испрати повикот до полскиот клуб, за овој скандалозен пропуст била информирана во последен момент, непосредно пред репрезентативниот собир. ФФМ веднаш ги мобилизираше македонската амбасада во Полска и стручните тела на УЕФА со цел да се најде брзо решение за ваквиот апсурд, додека селекторот Седлоски во следните часови ќе мора да донесе одлука дали ќе повика нов фудбалер како итна замена.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.