Финалето на Светското првенство во фудбал меѓу Шпанија и Аргентина официјално стана најскапото во историјата на мундијалите. Официјалните билети на страницата на ФИФА се одамна распродадени, а просечната цена на пазарот за препродажба достигна неверојатни 9.900 евра. За утрешниот спектакл на стадионот „МетЛајф“ во Њу Џерси, најевтината карта на платформата „StubHub“ чини 7.125 евра, додека цената за најексклузивните места покрај самиот терен се искачи до рекордни 83.639 евра.
Овие суми ги надминаа дури и најголемите американски спортски настани, како Супербоул (просек од 8.225 евра) и НБА финалето (5.513 евра). Причина за ова е новиот систем на ФИФА за динамично формирање на цените според побарувачката, што наиде на жестоки критики од спортската јавност. Претседателот на шпанскиот сојуз, Рафаел Лусон, ја критикуваше ваквата политика, а американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека со задоволство би присуствувал на натпреварот, но дека лично никогаш не би платил толку висока сума за билет.
Покрај влезниците, навивачите кои патуваат од Европа се соочуваат и со огромни трошоци за авионски превоз и сместување. Од друга страна, на евентуалната победа на Шпанија најмногу се радуваат шпанските даночни власти. Доколку „фуријата“ ја освои титулата, државната каса во Шпанија ќе инкасира околу шест милиони евра само од даноци на богатите премии кои ќе им бидат исплатени на репрезентативците кои настапуваат во домашниот шампионат.

