Меѓународен фудбал Фудбал

Без гости на „Велодром“: Навивачите на ПСЖ добија забрана за гостување

Големото француско дерби меѓу Олимпик Марсеј и Пари Сен Жермен во рамките на 5-тото коло од Лига 1 ќе се одигра без присуство на гостински поддржувачи. Француското Министерство за внатрешни работи донесе одлука со која во период од 24 часа во недела на симпатизерите на парискиот гигант целосно им се забранува влез во Марсеј и околниот регион, со цел да се спречат сериозни нарушувања на јавниот ред и мир за време на дуелот закажан од 20:45 часот.

Непријателството меѓу овие две навивачки групи со децении го тресе францускиот фудбал и редовно е проследено со жестоки пресметки и улични инциденти. Дополнителен притисок пред овој дерби-дуел носи и слабиот резултатски старт на двете екипи во новата сезона. Марсеј во воведните четири кола запиша дури три порази и само еден триумф, додека шампионот ПСЖ исто така се мачи да фати шампионски ритам, имајќи скромни еден триумф, две ремија и еден пораз.

Оваа ригорозна мерка пристигнува во исклучително затегнат момент меѓу државните власти и Националната асоцијација на навивачи во Франција. Тензиите дополнително ескалираа по иницијативата на министерот за внатрешни работи, Бруно Ретајо, за целосно распуштање на одредени навивачки подгрупи на Сент Етјен и Нант, што го доведе односот меѓу ултрасите и полицијата до точка на вриење.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.