Кошарка Меѓународна кошарка

Беше втор пик на НБА драфтот, најави пензионирање на 28 години, па самиот демантираше…

Вистинска збрка во американската кошаркарска јавност предизвика некогашниот втор пик на драфтот, Лонзо Бол, кој најпрво преку емотивна исповед го најави својот дефинитивен крај со професионалната кошарка, за само неколку часа подоцна самиот да се демантира преку социјалните мрежи.

Целиот медиумски земјотрес започна по неговото гостување во подкаст, каде што 28-годишниот плејмејкер отворено зборуваше за деветте години поминати во НБА и пеколот со повредите кои му го уништија потенцијалот.

„Чувствувам дека ѝ дадов сè што имав на кошарката. Благодарен сум што упеав да стигнам до НБА и да играм девет години, но боли тоа што поради повредите никогаш не го достигнав својот пик. Сепак, кога ќе видам дека има луѓе кои немаат ни за еден оброк во денот, си ја враќам реалната слика во главата“, порача Бол.

Оваа изјава светските медиуми експресно ја пренесоа како дефинитивно повлекување од терените. Сепак, согледувајќи ја реакцијата, Бол реагираше со брз демант на социјалните мрежи, појаснувајќи дека сè уште ја нема донесено конечната одлука и дека не се смета за официјално пензиониран.

Приказната за средниот брат од фамилијата Бол е сурова илустрација за тоа колку брзо здравствените проблеми можат да соборат еден голем талент. По средношколската доминација и медиумскиот хајп создаден од неговиот татко Лавар, Лонзо влезе во Лејкерс со огромни очекувања. Најдобрите кошаркарски денови ги имаше во Чикаго Булс, но во јануари 2022 година доживеа тешка повреда на коленото која му ги промени сите планови. Следуваше серија комплексни операции, вклучувајќи и ретка трансплантација на менискус и рскавица, поради кои паузираше повеќе од две години.

По неуспешните обиди да се врати во препознатливата форма преку Чикаго и Кливленд, Бол во февруари оваа година беше дел од трејд во Јута, каде што веднаш беше отпуштен како слободен агент. Неговиот последен настап датира од 1 февруари против Портланд. Додека НБА кариерата му виси на остар раб, Бол сè повеќе се фокусира на подкасти и снимање музика, но остава отворена врата доколку некој клуб сепак реши да му понуди нова шанса.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.