Македонската кошаркарска репрезентација го одработи првиот тренинг во „Т Арена“ во Скопје, со што започна подготовката за гостувањето кај Австрија во втората рунда од претквалификациите за Евробаскет 2029. Селекторот Хозе Мариа Берокал на располагање има речиси комплетен состав, а пред дуелот во Виена истакна дека Македонија има квалитет за победа, но тоа мора да го потврди на теренот.
„Убеден сум дека можеме да бидеме подобри од Австрија, но тоа треба да го покажеме на теренот. Мора да играме паметно, заедно и со голема самодоверба. Го респектираме противникот, но фокусот мора да биде на нас и на нашата игра“, порача Берокал.
Шпанскиот стратег посочи дека промените во составите се нормален дел од репрезентативната кошарка и дека нема простор за жалење поради отсутни играчи.
„Не играат имињата, туку пет на пет на теренот. Можеби некои работи не можеме да ги контролираме, но можеме да се контролираме себеси. Треба да се натпреваруваме како тим и да дадеме сè од себе“, додаде селекторот.
Македонија во Скопје ќе го искористи краткиот период за подготовка пред заминувањето за Виена, а Берокал потврди дека во моментов има 14 кошаркари на располагање, односно речиси комплетен ростер, со исклучок на Јакимовски.
„Одиме ден по ден, натпревар по натпревар. Таков е и нашиот менталитет“, порача Берокал.

