Бернардо Силва го направи големиот чекор во својата кариера и по истекот на договорот со Манчестер Сити се пресели во Реал Мадрид. Португалскиот репрезентативец беше официјално претставен во средата и веднаш испрати порака која привлече големо внимание.
31-годишниот фудбалер не го криеше задоволството што ќе го носи дресот на клубот со најголем број европски титули. Силва веќе имал можност неколкупати да игра на „Сантијаго Бернабеу“, но призна дека чувството да се биде дел од Реал Мадрид е нешто сосема поинакво.
„Веќе неколкупати сум играл на „Бернабеу“. Кога ќе пристигнете и ќе ги видите 15-те трофеи во Лигата на шампионите кои се изложени таму, тоа е навистина импозантно. Сега тие трофеи се дел од мојот нов клуб и тоа е нешто посебно“, изјави Силва за клупската телевизија на Реал Мадрид.
Португалецот дополнително ја нагласи големината на предизвикот кој го очекува во Мадрид.
„Да играш за клуб кој има 15 титули во Лигата на шампионите не е за секого. Многу сум горд што сум тука и сега ќе дадам сè од себе за овој клуб“, порача новото засилување на „кралевите“.
Интересно е што Силва во Реал пристигна откако му истече договорот со Манчестер Сити, каде што беше еден од клучните играчи во изминатите години.
Во исто време, неговиот поранешен соиграч Родри избра друг пат. Шпанскиот репрезентативец во вторникот потпиша за Барселона, иако во текот на летото се поврзуваше со можен трансфер во Реал Мадрид.
Новиот тренер на Реал, Жозе Мурињо, откри дека разговарал со Родри и дека клубот му испратил понуда.
„Разговарав со него неколкупати, а Реал Мадрид му понуди одлични услови. Родри имаше дилеми, а неговите дилеми создадоа дилеми и кај мене“, откри Мурињо.
Португалскиот стратег сепак не го оспори квалитетот на Родри, но испрати јасна порака за тоа каков однос очекува од играчите кои треба да го носат дресот на Реал.
„Тој е извонреден фудбалер и беше многу професионален кон нас. Немам ништо негативно да кажам за него. Но, Реал Мадрид е клуб со таков статус што не може да има играчи кои двапати размислуваат дали сакаат да дојдат“, додаде Мурињо.

