Португалскиот фудбалер и капитен на Манчестер Сити, Бернардо Силва, на своите социјални мрежи објави дека ова е негова последна сезона во клубот, а оваа вест ја потврдија и од клубот официјално. Бернардо дојде во Сити како млад играч од Монако, во трансфер вреден 50 милиони, а на крајот од сезонава ќе замине како капитен на сините и легенда на клубот. Од 2017-та година, кога пристигна во Манчестер, одигра повеќе од 450 натпревари за Сити, постигнувајќи 76 голови и 77 асистенции до сега. Португалецот беше клучен играч низ годините во Сити и со клубот во тој период освои 6 титули во Премиер лигата, 1 Лига на шампиони титула, 2 ФА Купа, 4 Лига купа и две титули во Комјунити шилд.
„Граѓани,
Кога пристигнав пред 9 години, следев сон на едно мало момче, кое сакаше да успее во животот, кое сакаше да постигне големи работи. Овој град и овој клуб ми дадоа многу повеќе од тоа, многу повеќе отколку што некогаш се надевав. Тоа што го освоивме и постигнавме заедно е наследство што засекогаш ќе го чувам во моето срце. „The Centurions“, домашната четворна круна, тројната круна, четири титули по ред и многу повеќе… И не беше така лошо 😉
За неколку месеци е време да се збогувам со градот каде што не само што освоивме толку многу како фудбалски клуб, туку и каде што го започнав мојот брак и моето семејство. Од дното на моето срце, Инес и Карлота, ви благодарам!“ напиша Бернардо.
Португалецот и Сити ќе имаат можност сезонава да дојдат до уште два трофеи, во Премиер Лигата каде Сити е на втората позиција и во ФА Купот каде во полуфиналето ќе играат против Саутемптон.
„До навивачите, вашата безусловна поддршка низ годините е нешто што никогаш нема да го заборавам. Мојата главна цел како играч беше секогаш да играм со страст за вие да можете да се чувствувате горди и достојно претставени на теренот. Се надевам дека го почувствувавте тоа на секој натпревар. Пристигнав како играч на Манчестер Сити, заминувам како уште еден од вас, навивач на Манчестер Сити до крајот на животот. Продолжете да го поддржувате овој млад тим и сигурен сум дека ќе ви донесат уште многу фантастични спомени во иднина.
До клубот, Пеп, стручниот штаб и сите мои соиграчи во овие 9 години, ви благодарам за сите спомени и што ми дозволивте толку долго да бидам дел од ова патување. Атмосферата што ја создававме секој ден на тренинг-центарот направи да се чувствувам како дома и како дел од едно големо семејство. Да уживаме заедно во овие последни недели и да се бориме за тоа што оваа сезона сè уште ни го носи. Ве сакам сите, Бернардо.“ заврши тој.

