Шпанскиот тенисер Карлос Алкараз обезбеди експресен пласман меѓу осумте најдобри на Мастерс турнирот во Париз, откако неговиот ривал во осминафиналната рунда, Матео Беретини, беше принуден да се повлече уште пред да излезат на теренот.
Италијанскиот тенисер го предаде мечот поради повреда на рамото, што му донесе на Алкараз неочекуван ден за одмор во прилично згуснатиот календар. Оваа пауза ќе му биде од огромно значење на Шпанецот, кој пристигна во француската престолнина по исцрпувачката недела во Виена, каде што на патот до трофејот одигра дури пет меча во рок од шест дена.
Наместо нови физички напори, „Карлитос“ ќе има можност да ги наполни батериите пред четвртфиналниот предизвик, каде што ќе ги одмери силите со подобриот од дуелот меѓу домашното изненадување Артур Фис и Американецот Тејлор Фриц.

