Авто-мото Други спортови

Бецеки со рекорд до пол-позиција, Маркез го доби спринтот во Мизано

Марко Бецеки со фантастично возење го одбележа квалификацискиот ден за Големата награда на Сан Марино и Римини во Мото ГП шампионатот. Возачот на Априлија постави нов рекорд на патеката во Мизано и влезе во историјата како прв возач со време под 1:30,000 минути (1:29,982), со што ја обезбеди пол-позицијата за викендот пред Марк Маркез.

Сепак, главниот збор во спринт-трката му припадна токму на Маркез. Шпанскиот ас на Дукати изведе мајсторски маневар уште на самиот старт, брзо го претекна Бецеки пред првата кривина и ја презеде водечката позиција. Диктирајќи постојано темпо со кругови од 1:30,800 минути, Маркез постепено ја градеше предноста и рутински стигна до својата 21-ва победа во спринт-форматот.

Иако Бецеки во 10-тиот круг ги отвори сите карти и го намали заостанувањето на само половина секунда, Маркез одговори на притисокот, ја сочува контролата и прв ја мина линијата за цел. Италијанецот мораше да се задоволи со второто место, додека подиумот го комплетираше Хорхе Мартин, кој по ризичен дуел го совлада Фабио Ди Ѓанатонио. Меѓу најдобрите шест завршија уште и Алекс Маркез и Педро Акоста.

Во генералниот пласман борбата за титулата продолжува да гори, Мартин го чува врвот со 256 бода, пред Маркез со 237 и Бецеки со 232. Главната трка за Големата награда на Сан Марино е на програмата в недела од 14:00 часот.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.