Авто-мото Други спортови

Бецеки постави нов рекорд и го спречи Маркез, Зарко со херојско враќање

Возачот на Априлија, Марко Бецеки, го заврши првиот ден од тркачкиот викенд за Големата награда на Арагон, 13-та трка од сезоната во Мото ГП шампионатот, на водечката позиција, поставувајќи нов рекорд на патеката „Моторленд“. Италијанецот извозе круг со време од 1:45.455 минути и го симна од челото Марк Маркез, кој важи за доминантен на оваа патека откако премина на мотоциклот на Дукати.

Второто место со десетинка заостанување му припадна на Алекс Маркез од екипата на Гресини, додека неговиот постар брат Марк заврши на третата позиција со само 28 илјадити делови од секундата зад својот помлад брат. Постариот Маркез водеше во поголемиот дел од официјалниот тренинг и постави рекорд на десетина минути пред крајот, но Бецеки успеа да извлече фантастичен круг во самата завршница, иако загуби малку време во последниот сектор.

Титулата јунак на денот му припадна на Жоан Зарко, кој се врати на патеката по повеќе од три месеци пауза поради тешка повреда на лигаментите на коленото заработена во Каталуња. Французинот доби медицинска дозвола за настап и успеа да го освои 10-тото место, изборувајќи директен пласман во втората квалификациска сесија (К2).

Покрај најдобрите тројца и Зарко, директен пласман во К2 обезбедија и Фабио Ди Џанантонио (ВР46), Фермин Алдегер (Гресини), Раул Фернандез (Трекхаус), водечкиот во генералниот пласман Хорхе Мартин (Априлија), Педро Акоста (КТМ) и Франко Морбидели (ВР46). Од друга страна, вториот возач на Дукати, Франческо Бањаја, по трет пат по ред ќе мора да вози во првиот дел од квалификациите (К1), откако оствари дури 13-то време.

Возбудувањата во кралската класа во Арагон продолжуваат во сабота од 10:10 часот со вториот слободен тренинг, по што веднаш следат квалификациите.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.