Басконија комплетираше уште едно засилување за новата сезона со ангажманот на американскиот плејмејкер Дамион Бо. 25-годишниот кошаркар потпиша двогодишен договор со шпанскиот клуб, со можност за продолжување на соработката за уште една сезона, што за него ќе биде прво европско искуство и деби во Евролигата.
Американецот пристигнува по одличната сезона во развојната Џи-лига каде што за тимот на Вали Санс (филијала на Финикс) бележеше во просек по 22,4 поени, 8 асистенции и 5,9 скокови по натпревар. Покрај настапите за Саут Беј Лејкерс и Вестчестер Никс, Бо во сезоната 2024/2025 доби шанса и во НБА лигата, запишувајќи 15 настапи за екипата на Шарлот Хорнетс со просек од 7,3 поени.
Интересен детал од неговата кариера е и настапот во Африканската кошаркарска лига за тимот на Ал Ахли, каде што влезе во историјата како прв играч со постигнат трипл-дабл учинок во ова натпреварување. Со доаѓањето на Бо, Басконија добива физички силен и експлозивен бек кој треба да донесе дополнителна енергија, креација и поентерски потенцијал во надворешната линија.

