Фудбалската федерација на Баскија ја обнови својата иницијатива за добивање меѓународно признание и полноправно членство во ФИФА и УЕФА. По неуспешниот обид од 2018 година, Баскијците овој пат настапуваат со значително побогата документација и се повикуваат на измените во шпанскиот Закон за спорт од 2022 година, со цел нивните машки и женски селекции конечно да добијат право за настап во официјалните квалификации за Европските и Светските првенства.
Иако баскиската репрезентација има традиција подолга од еден век, чии корени датираат уште од 1915 година и славната селекција „Еузкади“ која за време на Шпанската граѓанска војна играше ширум Европа и Америка, таа до денес игра исклучиво пријателски натпревари. Од Билбао потврдија дека федерацијата веќе се обратила до Високиот совет за спорт на Шпанија и официјално ја известила Шпанската фудбалска федерација. Главен правен аргумент е членот 48.2 од шпанскиот закон, кој им овозможува на сојузите од автономните заедници директно меѓународно учество доколку спортот има длабоко историско и општествено значење за регионот.
Иницијативата има и официјална поддршка од регионалната Влада на Баскија во нејзината програма за периодот од 2024 до 2028 година. Иако пред Баскијците стојат сериозни правни и институционални пречки, бидејќи ФИФА и УЕФА имаат сопствени посебни критериуми за прием, од баскискиот сојуз нагласуваат дека сакаат да дојдат до целта преку конструктивен дијалог и преговори со сите надлежни институции, барајќи решение усогласено и со шпанските закони и со меѓународните фудбалски прописи.

