Барселона продолжува да ги собира најголемите млади таленти од светот, а најновото засилување за прочуената академија „Ла Масија“ доаѓа од Казахстан. Станува збор за 15-годишниот Карим Мендиканов, кој официјално потпиша договор со каталонскиот гигант. Младиот напаѓач самиот ја потврди веста преку своите профили на социјалните мрежи, со што стана првиот фудбалер од Казахстан кој ќе го носи дресот на Барселона.
Мендиканов ја започна кариерата во Астана, каде уште како дете го привлече вниманието со своите настапи. Во 2022 година се пресели во Шпанија, каде играше за младинските екипи на Сердањола и Сант Кугат, а неговиот развој не остана незабележан од скаутите на Барселона. Со овој потег, младиот Казахстанец добива можност да се развива во една од најпознатите фудбалски академии во светот и да се обиде во иднина да стигне до првиот тим на каталонскиот клуб.

