Меѓународен фудбал Фудбал

Барселона го заклучи Рафиња до 2030 година!

Каталонскиот гигант Барселона комплетираше еден од клучните потези за иднината на клубот, откако бразилскиот офанзивец Рафиња официјално стави потпис на нов договор кој го врзува за „Камп Ноу“ до јуни 2030 година.

Еволуцијата што ја доживеа Бразилецот под водство на Ханси Флик е неверојатна. Од фудбалер за чиј статус и квалитет постојано се дебатираше во ерата на Чави, Рафиња израсна во вистински лидер и сериозен кандидат за највисоките индивидуални признанија. Неговата форма оваа сезона е нереална, на 13 одиграни натпревари во сите натпреварувања веќе има постигнато дури 19 погодоци.

Неговата важност за тимот се гледа и преку капитачката лента, но и преку подготвеноста да преземе одговорност. По пропаднатиот обид за доведување на Хулијан Алварез, Рафиња без проблем прифати нова улога во центарот на нападот, а неговото партнерство со Ламин Јамал стана најсилното оружје во арсеналот на Барселона.

„Бројките ме изненадија и самиот себеси, искрено не очекував толку брзо да стигнам до оваа бројка на голови. Менував позиции и секогаш го барав најдоброто за тимот. Кога ми соопштија дека ќе играм во шпицот, бев подготвен да дадам сè од себе. Доколку нозете ме слушаат и ми дозволуваат да играм на ова ниво, би сакал овде да ја завршам кариерата“, изјави Рафиња по потпишувањето.

Со овој нов договор, Каталонците ја наградија верноста и пожртвуваноста на играчот кој досега има забележано 190 настапи и 94 голови за клубот, освојувајќи три шампионски титули во Ла Лига, три трофеи во Суперкупот и еден во Купот на Кралот.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.