Барселона е пред големо засилување во офанзивниот дел, откако каталонскиот клуб постигна договор за ангажман на германскиот репрезентативец Карим Адејеми. Според информациите, „блауграна“ се договорила со Борусија Дортмунд за трансфер вреден 22 милиони евра, а сумата може дополнително да порасне за уште седум милиони преку предвидени бонуси.
Адејеми е голема желба на тренерот Ханси Флик, кој смета дека брзината, директноста и начинот на игра на германскиот напаѓач совршено се вклопуваат во неговата визија за новата Барселона. За 24-годишниот фудбалер ова би било враќање во фокусот на европската сцена, откако во изминатите години беше еден од најважните офанзивци на Дортмунд. Минатата сезона запиша 39 настапи во сите натпреварувања, со учинок од 10 голови и шест асистенции.
Адејеми во Дортмунд пристигна во 2022 година од РБ Салцбург, а за германскиот клуб досега одигра 146 натпревари, постигна 36 погодоци и додаде 25 асистенции. Интересно е што името на Германецот и претходно се поврзуваше со Барселона, а сега трансферот е на чекор од официјализација.

