Ракометарите на Барселона продолжуваат да ја потврдуваат својата сила на европската сцена и по четири одиграни натпревари сè уште не знаат за неуспех. Актуелниот европски првак одигра уште еден моќен натпревар, овојпат на гостински терен во Романија, каде што му одржа вистинска лекција на Динамо Букурешт. Каталонците славеа со убедливи 36:22, демонстрирајќи разлика во квалитетот уште од самиот почеток и продолжувајќи го совршениот старт во Лигата на шампионите.
Барселона од првите минути го наметна својот ритам и постојано ја зголемуваше предноста. Домашниот состав немаше одговор за расположените гости, кои на паузата веќе имаа убедливо водство од 20:11. Со таква предност по првите 30 минути, прашањето околу победникот практично беше решено.
Во продолжението шпанскиот гигант рутински ја одржуваше контролата и на крајот стигна до триумф со дури 14 гола разлика. Тимоти Н’Гесан беше најефикасен во победничкиот состав со шест погодоци, додека Дика Мем и Јан Баруфет постигнаа по пет. Кај Динамо Букурешт, Бузле се истакна со четири гола, но неговиот учинок не беше доволен за да се избегне убедливиот пораз. За Барселона ова беше четврта победа од исто толку натпревари во елитното европско натпреварување. Со максимален ефект, каталонскиот состав им се приклучи на Веспрем и Магдебург, кои исто така имаат совршен биланс.

