Најскапото засилување на Ливерпул за оваа сезона, Бредли Баркола, говореше отворено во интервју за „Скај Спортс“ за притисокот кој го носи неговиот трансфер од 140 милиони евра од Пари Сен Жермен, како и за неизбежните споредби со клупската легенда Мохамед Салах.
Францускиот репрезентативец веќе почна да го покажува својот раскошен потенцијал на „Енфилд“, запишувајќи хет-трик против ЛАСК во Лигата на шампионите и асистенции во дуелите против Брентфорд и Брајтон. Сепак, тој е свесен за високите очекувања кои доаѓаат со огромната сума платена за неговите услуги.
„Јас не ја одредувам цената на обесштетувањето, така што тоа не е моја грижа. Сè уште не сум на својот максимум и ја немате видено мојата најдобра верзија. Сè уште се прилагодувам и се воигравам со соиграчите, за кои знам дека можат да ме направат уште подобар фудбалер“, истакна Баркола.
Неговото пристигнување се совпадна со заминувањето на Мохамед Салах, поради што јавноста веднаш почна да го споредува со египетскиот голгетер. Баркола потенцира дека има огромна почит кон Салах, но нагласува дека планира да чекори по свој сопствен пат.
„Мо Салах е огромна легенда овде. Направи неверојатни работи за Ливерпул и имам енормно почитување за него. Но, јас не чувствувам притисок од тие споредби. Не сум Мохамед Салах, ќе се обидам да дадам придонес на мој автентичен начин и да испишам сопствена историја“, порача францускиот офанзивец.
Запрашан за одлуката да го напушти Пари Сен Жермен, кој во меѓувреме се искачи на врвот и стана двократен последователен европски првак и да прифати предизвик во Ливерпул кој минува низ процес на реконструкција, Баркола истакна дека немал никаква дилема.
„Беше вистински момент за заминување. Минав прекрасни години во Париз и освоив многу трофеи, но дојде време за разделба. Кога гигант како Ливерпул ќе ве побара, тука нема простор за размислување. Многу сум среќен што сум дел од овој клуб“, заклучи Баркола.

