Фудбалот често пишува сурови приказни во кои падот од врвот до самото дно се случува експресно и болно. Кога еден традиционален клуб со армија верни навивачи ќе се соочи со организациски хаос, резултатската катастрофа станува неизбежна реалност. Југот на Италија зави во црно откако некогашниот стабилен калчолигаш го допре дното по повеќе од четири децении.
По очајната сезона, Бари и официјално испадна во третата италијанска лига, што на клубот последен пат му се случи во далечната 1983 година. Во клучниот реванш од плеј-аутот, на тимот му беше неопходна победа против Судтирол по првите 0:0 дома. Наместо офанзива, Бари одигра уште еден меч без жар кој заврши со истиот резултат (0:0), што според правилата значеше опстанок за Судтирол поради подобар пласман на табелата.
Кошмарот е уште поголем ако се земе предвид дека пред точно три години Бари беше на само 120 секунди до пласман во елитната Серија А. Оттогаш, поради лошото менаџирање на фамилијата Де Лаурентис и промената на дури шест тренери, клубот тргна во незапирлива надолна линија која кулминираше со дури 18 порази во 40 натпревари оваа сезона.

