Возачот на Дукати, Франческо Бањаја, успешно беше опериран во Торино по тешкиот пад за време на спринт-трката за Големата награда на Катар. Поранешниот шампион претрпе двoјна скршеница на четвртата и петтата метатарзална коска на десното стапало откако во првиот круг беше катапултиран од моторот по контакт со Фермин Алдегер.
По завршувањето на хируршкиот зафат, од италијанскиот тим се огласија со официјално соопштение:
„Франческо Бањаја имаше успешна операција изутрината во Торино по двојната скршеница на четвртата и петтата метатарзална коска на десното стапало што ги заработи по падот во Катар. Медицинскиот тим успешно прицврсти плочка на четвртата коска. Му посакуваме на нашиот возач брзо закрепнување.“
И покрај тешката повреда, Бањаја преку социјалните мрежи порача дека од Катар сака да ги помни само позитивните работи и одличното чувство на моторот на почетокот од викендот. Алдегер упати извинување за инцидентот, истакнувајќи дека не направил ништо непресметливо на патеката. До крајот на МотоГП шампионатот остануваат уште две трки, во Португалија и Валенсија, па останува отворено прашањето дали Италијанецот ќе успее брзо да се опорави за на патеката официјално да се прости од фабричкиот тим на Дукати.

