Спортскиот директор на Баерн Минхен, Макс Еберл, ги сподели сите детали за здравствената состојба на Винсент Компани, откако белгискиот стратег колабираше за време на тренинг и со хеликоптер итно беше пренесен во болница.
Во отсуство на шефот на стручниот штаб, баварскиот гигант на предстојното гостување кај Фрајбург ќе го предводи неговиот помошник Арон Денкс. Иако сцените од петокот беа драматични, Еберл потврди дека состојбата на Компани е стабилна, но тој ќе мора да остане под строг лекарски надзор уште неколку дена за дополнителни детални анализи.
„Добрата вест е што тој е во стабилна состојба. Разговарав со него и со неговата сопруга и ова за сите нас е потсетник дека здравјето е на прво место. Тој уште минатата недела имаше одредени здравствени тешкотии и лекарите сè уште ги прават потребните испитувања за да откриеме што точно го предизвика ова. Нема да му поставуваме никакви рокови за враќање. Не зборуваме за денови, туку за недели пауза. Компани работи со страшен интензитет, а кога не ги слушаш суптилните сигнали што ти ги испраќа телото, тоа на крајот почнува да вреска“, откри Еберл.
Баерн Минхен својот натпревар во Бундеслигата против Фрајбург го игра в недела со почеток од 17:30 часот, а приоритет за баварскиот гигант останува целосното закрепнување на белгискиот стручњак пред тој повторно да застане покрај аут-линијата.

