Новата сезона во германската Бундеслига започна на веќе добро познат начин, со убедлива победа и доминантна игра на актуелниот шампион Баерн Минхен. Иако дуелот против Штутгарт го носеше епитетот на мало дерби, Баварците на теренот демонстрираа потполна надмоќ во однос на ривалот и славеа со високи 5-1 на отворањето од шампионатот.
Првиот погодок во новата сезона беше дело на дефанзивецот Дајо Упамекано, кој во 21. минута погоди со глава по корнерот што го изведе Џошуа Кимих. Штутгарт успеа накратко да се врати во игра во 52. минута со одличниот гол на Вагноман за 1-1, но надежта на гостите за изненадување траеше само три минути. Веќе во 55. минута Кимих го пронајде Мајкл Олисе за повторно водство од 2-1, запишувајќи ја својата втора асистенција на средбата.
Состојбата за Штутгарт дополнително се влоши кога стрелецот на израмнувачкиот гол, Вагноман, ја затресе сопствената мрежа за 3-1. До крајот на натпреварот Баварците го докрајчија противникот, младот Александар Павловиќ погоди за 4-1 по полуконтрата во која најголемиот дел од работата ја заврши новото засилување Исмаел Саибари, а потоа поранешниот фудбалер на ПСВ асистираше и до Луис Дијаз за конечни 5-1.

