Германскиот гигант Баерн Минхен ќе има поддршка од своите навивачи во претстојниот полуфинален спектакл против ПСЖ, откако УЕФА одлучи да не го затвори стадионот и покрај сериозните инциденти. Европската куќа на фудбалот му изрече парична казна од вкупно 90.000 евра на баварскиот клуб поради нередите за време на реваншот против Реал Мадрид. Најголемиот дел од казната, околу 40.000 евра, е поради навлегувањето на навивачите на теренот, додека остатокот се должи на недолични транспаранти, блокирани премини на трибините и фрлање предмети.
Драматичната завршница и победничкиот гол за 4-3 предизвикаа вистинска еуфорија која излезе од контрола, при што навивачите соборија дел од заштитните огради и се судрија со новинарски екипи и фоторепортери. Според полициските извештаи, во мешаницата се повредени четири лица, а спортскиот директор Кристоф Фројнд веќе упати јавно извинување за хаотичните сцени. Иако Јужната трибина веќе беше под условна казна поради пиротехника, на Баерн овојпат му „прогледаа низ прсти“ и ќе може да смета на полна „Алијанц Арена“ за дуелот со парижаните на 6 мај. Од клубот признаваат дека емоциите биле преголеми, но свесни се дека секој следен испад би значел празни трибини во натпреварувањето каде поддршката од фановите е клучна.

