Хари Кејн би можел да остане во Баерн Минхен и по истекот на актуелниот договор, а раководството на германскиот шампион веќе најави дека сака да започне преговори со англискиот напаѓач. Спортскиот директор на клубот, Макс Еберл, откри дека во Баерн се задоволни од Кејн и веруваат дека тој се чувствува одлично во Минхен.
„Мислам дека му е удобно тука. Многу сме среќни што е со нас“, изјави Еберл, кој се осврна и на можноста за продолжување на соработката.
Кејн има договор со Баерн до крајот на сезоната, па германскиот клуб сака навреме да ги започне разговорите околу новата соработка. Еберл смета дека финансиските услови не би требало да бидат пречка за постигнување договор. Англискиот репрезентативец пристигна во Минхен со големи очекувања, а во меѓувреме стана еден од најважните играчи на тимот. Неговата одлична форма и освоените трофеи со Баерн дополнително ја зајакнаа желбата на клубот да го задржи.
Иако претходно се поврзуваше со можност за враќање во Англија, Кејн во последниот период призна дека таа желба не е толку силна како порано. Тоа му дава дополнителна надеж на Баерн дека искусниот голгетер ќе остане на „Алијанц Арена“ и во наредните години.

