На преполниот Сантијаго Бернабеу, Баерн Минхен славеше со 2:1 против Реал Мадрид. Натпреварот донесе израмнета игра со многу шанси, што го потврдува и статистиката. Двете екипи имаа по 20 удари кон голот, а голманите беа меѓу најзаслужните за неизвесноста.
Посебно се истакна Мануел Нојер со девет одбрани, додека Андриј Лунин запиша пет интервенции.
Гостите поведоа во финишот на првото полувреме преку Луис Диаз, а веднаш по паузата Хари Кејн зголеми на 2:0. Домаќините долго време не можеа да го совладаат расположениот Нојер, но во 75. минута успеаја да намалат по акција во која учествуваа Трент Александер-Арнолд и Килијан Мбапе.
Во завршницата Реал притисна и ја презеде иницијативата, но не успеа да стигне до израмнување. И покрај победата на Баерн, впечатокот е дека дуелот останува целосно отворен пред реваншот кој следува.

