Фудбалскиот свет вечерва со нетрпение го очекува реванш дуелот од полуфиналето во Лигата на шампионите помеѓу Баерн Минхен и ПСЖ, натпревар кој ветува нова епска пресметка по незаборавните 90 минути во Париз. Првиот меч ги надмина сите очекувања и заврши со нестварни 5:4 во корист на ПСЖ, резултат кој го воодушеви светот и го постави овој дуел меѓу највозбудливите во историјата на елитното натпреварување. Баерн вечерва пред своите навивачи ќе мора да брка победа за да ја анулира негативата и да обезбеди пласман во големото финале во Будимпешта.
Од друга страна, ПСЖ доаѓа со предност, но и со сеќавање на нивните претходни пресметки, вклучувајќи го и финалето од 2020 година кога Баерн славеше со 1:0, како и четвртфиналето во 2021 година кога парижаните успеаја да им се одмаздат. Влогот е огромен бидејќи во финалето на „Пушкаш арена“ веќе чека екипата на Арсенал, која претходно во полуфиналето беше поуспешна од Атлетико Мадрид. Пред нас е вечер во која напаѓачкиот фудбал ќе биде во прв план, а со оглед на ефикасноста на двата тима, многумина веруваат дека повторно ќе гледаме натпревар со многу голови и драматичен финиш кој ќе го одреди вториот патник за Будимпешта.

