Меѓународен фудбал Фудбал

Баерн и Арсенал во битката на две различни филозофии

По вчерашниот спектакл во Париз, фудбалска Европа вечерва, во 21:00 часот, се сели на „Алијанц Арената“, каде Баерн Минхен и Арсенал ќе приредат нов блокбастер во третото коло од Лигата на шампионите. Натпреварот носи класичен судир на фудбалски филозофии, ултраофанзивниот стил на Винсент Компани против прагматичниот пристап на Микел Артета, чија главна парола е дека „целта ги оправдува средствата“.

Арсенал доаѓа во Минхен по тешката победа над Нотингем извојувана со доцниот гол на Нони Мадуеке. Артета константно трпи критики поради стилот на игра, а посебно загрижува фактот што „топџиите“ сезонава немаат постигнато ниту еден гол од прекин (не сметајќи пенали), иако лани со 25 погодоци беа апсолутни лидери во овој сегмент. Гостите ќе бидат ослабени поради неиграњето на Вилијам Салиба, Пјеро Инкапие и Христос Цолис, додека во ротацијата по повредата се враќа Мартин Зубименди.

Баварците исто така се соочуваат со сериозни кадровски главоболки. Компани, кој поради вирус ги пропушти последните тренинзи, нема да смета на суспендираниот Мајкл Олисе и повредениот Џамал Мусијала. Тоа отвора простор од првата минута да стартува младото германско откритие Ленарт Карл. На голот се враќа ветеранот Мануел Ноер, а настапот на Џошуа Кимих е под знак прашалник. Нападот традиционално ќе го предводи Хари Кејн, кој има 15 голови на 22 натпревари против лондонскиот ривал, иако пости на последните две пресметки.

Овој дуел е и тактичко надигрување на двајца стари познаници кои три години соработуваа во Манчестер Сити, тогашниот капитен Компани и помошникот на Гвардиола, Артета. Минатата сезона Арсенал славеше со 3:1 во нивниот меѓусебен дуел во Лигата на шампионите, но Баерн сè уште ги чува спомените од четвртфиналната елиминација на „топџиите“ пред две и пол години.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.