Баерн Минхен приреди вистинско демолирање на Унион Берлин со убедливи 7:0, но овој натпревар засекогаш ќе остане запишан во аналите на германскиот фудбал поради историскиот подвиг на Хари Кејн. Англискиот голгетер уште еднаш покажа дека е немилосрден пред противничките мрежи, станувајќи апсолутно најбрзиот фудбалер во историјата на Бундеслигата што стигнал до магичната бројка од 100 постигнати погодоци.
Јубилејниот гол пристигна од белата точка во 39-тата минута од натпреварот, во неговиот само 98-ми првенствен настап. Со ова, Кејн целосно го надмина досегашниот рекорд кој уште од далечната 1977 година му припаѓаше на легендарниот Дитер Милер, кој до стотката стигна по 129 меча, подобрувајќи го за дури 31 натпревар помалку. Англискиот репрезентативец не сопре тука, па во второто полувреме по центаршутот на Мајкл Олисе со глава ја затресе мрежата за својот 101-ви гол во Германија, продолжувајќи го неверојатниот просек од погодок на секои 78,5 минути и застрашувачкиот вкупен биланс од 156 гола на 156 меча во сите натпреварувања за Баерн.
По историската ноќ во Минхен, напаѓачот не го криеше своето воодушевување од остварениот рекорд:
„Исклучително сум горд што стигнав до 100 голови во Бундеслигата. Иако не сум тука предолго, уживам во секој еден момент. Соиграчите постојано ми креираат одлични шанси, а денеска не беше ништо поразлично. Сакам да му се заблагодарам на целиот тим, клубот, тренерот и стручниот штаб кои ми помогнаа да ја остварам оваа голема цел.“

