Македонски фудбал Фудбал

Автокоманда ќе гледа прволигашки фудбал, ФК Скопје победи во Битола!

Возбудливиот бараж натпревар за пополнување на Првата македонска фудбалска лига донесе огромна драма и промена во елитното друштво. По тригодишна пауза, прволигашкиот фудбал се враќа во Автокоманда, откако фудбалерите на Скопје успеаја да извојуваат минимална, но златна победа во соочувањето со Брера Струмица.

На пресметката одиграна на стадионот „Петар Милошевски“ во Битола, „пиратите“ се тие што се радуваат. Уште во првото полувреме избраниците на Александар Таневски покажаа поголема конкретност, загрозувајќи го противничкиот гол во четири наврати. На спротивната страна, струмичани тешко наоѓаа решенија, а нивната единствена сериозна шанса не ја искористија. Петровиќ се најде во идеална позиција „еден на еден“ со искусниот голман Наумовски по една брза контра, но при обидот да реализира, ненамерно направи прекршок во напад згазнувајќи го противничкиот чувар на мрежата.

Иницијативата на Скопје продолжи и по паузата. Активен беше Виктор Ангелов, кој влезе во серија шанси, но неговите удари постојано завршуваа во блокот на дефанзивците на Брера. Како што одминуваше времето, притисокот на скопскиот состав стануваше сè посилен, редејќи четири сериозни прилики во краток период, додека тимот од Струмица дејствуваше целосно инфериорно.

Кулминацијата на мечот се случи во 84. минута. Душко Трајчевски иницираше одлична акција, по која Стоилевски невнимателно го фаулираше Славков од зад грб во казнениот простор, а судијата покажа на белата точка. Најдобриот стрелец Ангелов ја презеде одговорноста, но голманот Диковски го одбрани пеналот.

Сепак, радоста на струмичани траеше кратко. Веќе во следниот напад, по изведениот корнер, трагичарот од пеналот се претвори во асистент, односно Трајчевски со прецизен удар со глава ја смести топката во мрежата. Настана вистински делириум на клупата на Скопје, иако мораше да се почека и потврда од ВАР-собата дали топката со целиот свој обем ја минала гол-линијата. По кратка проверка, погодокот беше признаен.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.