Најавите за апсолутна доминација на теренот експлодираа како меур од сапуница за репрезентацијата на Турција. На стартот од возбудувањата во групата Д на Светското првенство, селекцијата на Австралија направи огромно изненадување и славеше со 2-0, со што ги однесе трите бода во битката за нокаут фазата. Иако конечниот резултат не ја отсликува најдобро реалната слика на теренот каде Турците постојано ја имаа иницијативата, „кенгурите“ одржаа фудбалска лекција по дефанзивна дисциплина и сурова реализација.
Избраниците на Винченцо Монтела уште од првиот свиреж ја сокрија топката, напаѓаа во бранови и буквално го опседнаа противничкиот шеснаесетник. Сепак, сите тие офанзивни обиди беа без вистинска идеја во завршницата, што Австралија експресно го казни во 27-мата минута. По една брза контра, младиот и талентиран напаѓач Нестори Иранкунда ја затресе мрежата за 1-0, шокирајќи го фаворитот пред заминувањето на пауза.
Сликата на теренот не се промени ниту во второто полувреме. Турција упорно кружеше околу противничкиот гол и очајнички бараше дупка во одбраната, додека Австралијанците трпеливо се бранеа и чекаа нов простор за транзиција. Монтела се обиде да го подигне темпото со неколку офанзивни измени, но неговите фудбалери едноставно немаа решение за цврстиот бедем на ривалот. Точка на натпреварот и потврда на големиот триумф донесе Конор Меткалф во 75-тата минута, кога круниса уште еден перфектен контранапад за конечни 2-0.
Со оваа голема победа Австралија направи голем чекор кон шеснаесетфиналето, каде во следното коло ја очекува вистински спектакл и пресметка со еден од домаќините, селекцијата на САД. Од друга страна, Турција веќе се наоѓа во незавидна позиција и ќе мора да бара итен поправен испит на следниот натпревар против Парагвај ако сака да ги задржи шансите за премин во следната фаза.

