Кошарка Меѓународна кошарка

Аврамовиќ го „реши“ својот поранешен тим за 2:0 за Дубаи!

Кошаркарите на Партизан се наоѓаат во речиси невозможна мисија за одбрана на тронот во АБА лигата. Избраниците на Жоан Пењароја се враќаат од Обединетите Арапски Емирати со два порази, откако и во вториот натпревар немаа решение за разиграниот Дубаи, губејќи со пресврт со 86:81. Со овој триумф, новиот регионален лигаш поведе со огромни 2:0 во финалната серија и се наоѓа на само еден чекор до историска титула, додека „црно-белите“ во Белград ќе мора да бркаат три победи по ред доколку сакаат да го сочуваат пехарот.

Главниот „џелат“ на белградскиот гигант беше нивниот поранешен кошаркар и миленик на навивачите, Алекса Аврамовиќ. Српскиот бек одигра во својот препознатлив стил и со неверојатна енергија го скрши отпорот на Партизан. Аврамовиќ погодуваше тешки тројки во клучните моменти, крадеше топки и ја прекинуваше секоја серија на гостите, завршувајќи го мечот со 16 поени. Исто толку во победничкиот табор постигна и Џанан Муса, додека Кабенгеле додаде 13 коша.

Партизан дефинитивно има за што да жали бидејќи за разлика од првиот дуел, овојпат влезе со многу подобар тактички план и цврста одбрана, па на почетокот на втората четвртина имаше и солидни седум поени предност. Сепак, домаќините направија целосен пресврт во третиот период, кога фатија пеколен шутерски ритам и се одлепија на максимални +13. Двејн Вашингтон со неколку врзани поени накратко ја врати надежта за брејк, но ладнокрвниот Аврамовиќ со искусни потези стави точка на натпреварот.

Во таборот на Партизан најмногу фалеа поените на Стерлинг Браун, кој за 20 минути постигна скромни 5 поени со катастрофален шут. Најефикасен беше Бруно Фернандо со 16 поени и 7 скокови, Карлик Џонс уфрли 15 коша.

Следната пресметка се игра во среда во Белград. Партизан пред своите навивачи едноставно нема право на грешка и мора да победи за да ја продолжи финалната серија, додека Дубаи ќе ја има првата историска „меч-топка“ за шампионскиот трон.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.