Шпанските медиуми најавуваат сериозни промени во Мадрид кои директно би можеле да влијаат врз плановите на неколку други клубови од самиот крем на европскиот фудбал. Доколку се остварат овие најави, нè очекува неверојатно возбудливо лето на пазарот.
Како што пренесува угледниот весник AS, раководството на Атлетико Мадрид сериозно ја разгледува опцијата да го ангажира голгетерот на Галатасарај, Виктор Осимен. Овој потег на „јорганџиите“ доаѓа како одговор на сè погласните шпекулации за несигурната иднина на Хулиан Алварез, за кого се шпекулира дека е пред трансфер во редовите на Барселона.
Сепак, тимот на Диего Симеоне ќе има жестока конкуренција за потписот на 27-годишниот нигериски репрезентативец. За неговите услуги сериозен интерес покажуваат и премиерлигашите Манчестер Јунајтед и Арсенал, како и францускиот ПСЖ. Според специјализираниот портал Transfermarkt, моменталната пазарна вредност на напаѓачот изнесува 75 милиони евра.
Осимен пристигна во Галатасарај во летото 2025 година и зад себе има фантастична натпреварувачка година. Во сезоната 2025/26, тој забележа 33 настапи во сите натпреварувања, постигнувајќи 22 гола и додавајќи осум асистенции. Неговиот актуелен договор со турскиот клуб има важност до летото 2029 година, што значи дека заинтересираните страни ќе мора да исплатат сериозно обесштетување.

