Иако ПСЖ неодамна ја одбрани титулата во Лигата на шампионите, францускиот гигант по завршувањето на Светското првенство би можел да претрпи промени во средниот ред. Шпанскиот претставник Атлетико Мадрид одново го активираше својот интерес за јужнокорејскиот репрезентативец Канг Ин Ли, кој не е задоволен од досегашната минутажа во Париз и бара клуб каде што ќе има позначајна улога во тимот.
Диего Симеоне има сериозни причини да донесе засилување во средниот ред. Антоан Гризман се сели во американската МЛС лига, Пабло Бариос уште од февруари има маки со повреди, а капитенот Коке веќе има 34 години и јасно е дека не може постојано да игра на највисоко ниво. Иако клубот го ангажираше младиот Обед Варгас, на него ќе му треба време за целосна адаптација. Скаутите на Атлетико проценија дека 25-годишниот Кореец е идеален избор бидејќи има огромно искуство во Ла Лига, каде што претходно настапуваше за Мајорка и Валенсија. Покрај тоа, Симеоне во последно време ја модернизираше играта на Атлетико и се откажа од дефанзивниот бункер, па офанзивниот играч на ПСЖ лесно би се вклопил во новата филозофија.
Шпанска „Марка“ пренесува дека мадридскиот клуб е подготвен веднаш да плати 25 милиони евра за овој трансфер. Сепак, цената би можела да порасне за некој милион доколку фудбалерот одигра добар Мундијал. Јужна Кореја е во група со Мексико, Чешка и Јужна Африка, па пласманот во нокаут фазата е сосема реален исход. Канг Ин Ли минатата сезона запиша 27 настапи во француското првенство, но главно влегуваше како џокер од клупата за резерви бидејќи Луис Енрике имаше преголем избор на неговата позиција.

