Вечерва се одгиграа два од реванш натпреварите од четвртфиналната фаза во Лигата на шампиони, а Атлетико Мадрид и ПСЖ се првите полуфиналисти.
Атлетико Мадрид ја дочека Барселона на полниот Метрополитано во реваншот, по успешното гостување во првиот натпревар каде дојде до победа од 0:2. Барселона дојде да се бори и на моменти беше близу да ја анулира предноста која Атлетико ја стекна по првиот натпреват. Екипата на Ханси Флик, уште од самиот старт се наметна, постојано притискаше. Ламин Јамал уште во 4-та минута донесе водство за каталонците. Феран Торес во 24-та минута целосно ја анулираше предноста која Атлетико Мадрид ја стекна во првиот натпревар. Следуваше шок за гостите кои беа во налет, кога во еден брз контра напад во 31-та минута, Лукман постигна гол за радост на домашните навивачи. Барселона продолжи да притиска и во вториот дел, а во 55-та минута постигна и трет гол, кој оправдано беше поништен поради офсајд.
Нов шок за каталонците следуваше во 79-та минута, кога Ерик Гарсија доби директен црвен картон. Атлетико целосно се повлече, Барселона со сите сили пробуваше да дојде до трет гол, кој ќе ги однесеше во продолжението, но на крајот немаше доволно сила и концентрација за такво нешто.
Во втoриот натпревар вечерва, ПСЖ после победата на домашен терен против Ливерпул со 2:0, славеше со идентичен резултат и на Енфилд. Беше подобар тимот од Париз уште од самиот старт, го имаше поседот, креираше повеќе шанси, но на полувреме се замина без голови. Во вториот дел Ливерпул отвори одлично, заигра подиректно, креираше шанси и кога сите очекуваа домашниот тим да дојде до водство, следуваше шок, ПСЖ преку Дембеле дојде до водство во 72-та минута. Конечните 2:0 ги постави истиот играч во 91-та минута.
Во преостанатите натпревари од четвртфиналето во Лигата на шампиони, утре Арсенал ќе го пречека Спортинг Лисабон, кој загуби на домашен терен со 0:1, а Баерн Минхен ќе го пречека Реал Мадрид, над кого во првиот натпревар оствари гостинска победа со 1:2.

