Голема трансфер битка за потписот на Мејсон Гринвуд се води на релација Истанбул – Мадрид. Иако вчера изгледаше дека Фенербахче е во пол-позиција за англискиот голгетер, Атлетико Мадрид не се предава и подготви план за „кражба“ на фудбалерот на Марсеј, пренесува угледниот француски весник „Екип“.
Турскиот гигант му нуди на Гринвуд четиригодишен договор со плата меѓу 7 и 8 милиони евра по сезона. Од друга страна, „јорганџиите“ нудат петгодишна соработка со нешто помала заработка од 5 до 6 милиони евра. Сепак, шпанскиот клуб е подготвен да му отстапи на Англичанецот дел од маркетиншките права на неговиот имиџ, што се смета за сериозен адут во преговорите.
Разлика има и во понудите испратени до Олимпик Марсеј. Фенербахче нуди 40 милиони евра плус 5 милиони во бонуси, додека понудата на Атлетико е поиздашна со гарантирани 45 милиони и дополнителни бонуси со кои трансферот би достигнал 50 милиони евра. Францускиот клуб нема да ја задржи целата сума, бидејќи Манчестер Јунајтед има право на 40 до 50 отсто од парите од овој трансфер.
Атлетико има и други силни аргументи со кои се обидува да го пренасочи Гринвуд кон Мадрид. Клубот во него гледа долгорочен наследник на Антоан Гризман. Дополнително, играњето за шпанскиот гигант би му овозможило многу полесен поврат на големата сцена и потенцијално враќање во Премиер лигата во иднина.
Тренерот Диего Симеоне веќе дал зелено светло за овој трансфер и планира лично да разговара со напаѓачот. Според информациите на „Екип“, Гринвуд веќе им открил на дел од соиграчите во Марсеј дека би сакал да се врати во Мадрид, каде што веќе живееше за време на неговиот успешен престој во Хетафе.

