Кошарка Меѓународна кошарка

Атланта го донесе Вигинс од Оклахома, следна цел е Треј Марфи!

На само два дена пред НБА драфтот, Атланта Хокс реши сериозно да го размрда кошаркарскиот пазар. Додека цела лига тактизира и ги чека одлуките на Леброн Џејмс, Јанис Адетокумбо и потезите на гигантите како Лејкерс и Голден Стејт, управата на „Хокс“ повлече брзи потези и најави бурно лето.

Првото ново име во Џорџија е бекот на Оклахома, Арон Вигинс. Тој пристигнува во Атланта во замена за два пика од втората рунда (за 2030 и 2032 година). Со оваа размена, Хокс добиваат квалитетен и проверен играч за својот млад состав, додека Тандер завршија огромна работа на финансиски план. Оклахома успеа да го намали данокот на луксуз од 213 на 152 милиони долари и ослободи две места во тимот за претстојниот драфт, каде што има право на дури три избори (12-та, 17-та и 37-ма позиција).

Вигинс има уште три години од петгодишниот договор вреден 47 милиони долари што го потпиша во 2024 година. Тој беше важна алка од клупата во шампионската сезона на Оклахома, но во финишот на оваа година неговата минутажа падна во втор план по брзиот напредок на Аџај Мичел и Џаред Мекејн.

Покрај овој трејд, Атланта осигура уште еден важен потпис – договорот на искусниот Си-Џеј Мекколум е продолжен на уште една година за сума од 21 милион долари. Неговото искуство е непроценливо за младиот тим на Атланта, каде што пристигна од Вашингтон во мега-размената за Треј Јанг. Искусниот бек минатата сезона бележеше по 18,7 поени по натпревар и имаше клучна улога во победничката серија на тимот во финишот од регуларниот дел.

Сепак, најдоброто допрва доаѓа. По завршувањето на овие две зделки, Атланта комплетно се фокусира на следната голема мета, а тоа е кошаркарот на Њу Орлеанс, Треј Марфи, чиј ангажман треба да биде вистинска трансфер бомба во деновиве што следат.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.