Македонскиот шампион МЗТ Скопје Аеродром се соочува со нов сериозен испит во АБА2-лигата. Предводникот на „металците“, Васко Атанасов, најави бескомпромисна борба и максимална мобилизација пред гостувањето кај секогаш незгодниот тим на Сутјеска.
Згуснатиот распоред носи втор гостински предизвик за аеродромци во рок од само неколку дена, но во таборот на сино-белите нема место за изговори, туку за јасен план за освојување на бодовите во Црна Гора.
„Влеговме во серија на исклучително тешки натпревари. Ова ни е второ гостување за многу краток период, но тоа ни најмалку нема да нè спречи да го дадеме максимумот на теренот. Пред себе имаме квалитетен ривал кој со години е дел од регионалната сцена и кој сигурно ќе бара реванш пред своите навивачи. Наше е дисциплинирано да го спроведеме договореното, да ги искористиме сите нивни слабости и на крајот заслужено да се радуваме“, истакна Атанасов.
Пресметката меѓу Сутјеска и МЗТ Скопје се игра во сабота во Никшиќ, со почеток од 13:00 часот.

