Кошаркарите на МЗТ Скопје вечерва од 19:00 часот, во салата „Јане Сандански“ го започнуваат новиот европски настап во натпреварувањата под закрила на ФИБА, каде за противник го имаат грчкиот состав Ираклис. Овој дуел има и историско значење за аеродромци, бидејќи Васко Атанасов е првиот тренер по пауза од 25 години кој ќе го предводи тимот на еден официјален меч организиран од ФИБА.
Гостите од Солун пристигнуваат во Скопје со сериозен ростер предводен од искусниот стратег Зоран Лукиќ и дополнително засилен со имиња како Хасан Дијара и Донтрес Стајлс. Сепак, Атанасов верува дека неговиот тим ги поседува потребните квалитети за да оствари позитивен резултат на стартот од европската сезона.
„Очекуваме возбудлив натпревар против Ираклис. Внимателно го следевме формирањето на нивниот тим и јасно е дека се засилија со играчи кои зад себе имаат одлични сезони. Ќе биде чест да се води меч против тренер како Зоран Лукиќ, но јас и мојот стручен штаб сме целосно подготвени. Ираклис е искусен ривал, но и ние имаме свои адути. Како и секогаш, со голема поддршка од трибините, нашата крајна цел е победа“, изјави Атанасов.
МЗТ Скопје ќе го бара првиот меѓународен триумф оваа сезона, при што домашниот терен и поддршката од навивачите се очекува да бидат клучни фактори за македонскиот шампион.

