МЗТ Скопје ја одработи првата недела од подготовките за новата сезона, а тренерот Васко Атанасов е задоволен од досегашниот тек на работата. Тој истакна дека тимот е комплетен и здрав, а новите засилувања добро се вклопуваат во системот.
„Ќе се стремиме да бидеме агресивни на двете страни од теренот, а брзината ќе биде клучна за нас. Имаме поинаков ростер од минатата сезона, со одлично ветеранско лидерство и играчи кои знаат што е потребно за победа“, вели Атанасов.
Тој посебно ги истакна Војдан и Дамјан Стојановски, како и новите засилувања Ноа Фаракан, Димитрије Николиќ и Лесли Варнер.
„Целта секогаш е иста – победа на секој натпревар и атак на секој трофеј. За тоа ни е потребна и поддршката од трибините. Заедно сме најсилни“, порача тренерот на МЗТ Скопје.

