МЗТ Скопје Аеродром веќе три недели напорно се подготвува за новата сезона, во која „штрковите“ ги очекуваат предизвици на домашната сцена, во АБА2-лигата и во ФИБА Еврокупот. Тренерот Васко Атанасов е задоволен од досега сработеното, а особено од она што неговите кошаркари го прикажале на тренинзите и на првиот контролен натпревар против Кожув. Актуелниот македонски шампион на овој меч постигна дури 111 поени, што според стратегот е најава за начинот на кој треба да изгледа тимот во новата сезона.
Атанасов смета дека МЗТ има создадено компактен и разноврсен ростер, со кој може да одговори на предизвиците што следуваат.
„Создадовме компактен, разноврсен и борбен ростер кој треба да игра кошарка каква што му прилега на МЗТ Скопје. Имаме нови лица и верувам дека ќе направиме целина која ќе може најдобро да одговори на предизвиците пред нас. Од досегашниот период видовме како овој тим може да игра и колку може да напредува“, вели Атанасов.
Дел од подготовките МЗТ ги реализираше во Негорски Бањи, каде што фокусот беше ставен и на физичката подготовка, но и на усовршување на тактичките замисли.
„Работевме на техничко-тактичкиот дел, но и на физичката форма пред серијата подготвителни натпревари. Играчите работеа напорно и задоволен сум од сработеното“, истакнува тренерот на МЗТ.
Победата над Кожув и 111-те постигнати поени дополнително ги засилија очекувањата дека новиот МЗТ ќе негува атрактивна и брза кошарка. Атанасов потврдува дека токму офанзивната игра ќе биде еден од заштитните знаци на тимот.
„Имаме ростер со многу потентни офанзивни играчи, па брзата игра и нападот ќе бидат нешто на кое ќе инсистираме. Сепак, мораме да продолжиме да работиме и да го надградуваме она што веќе го имаме“, додава Атанасов.
Кога станува збор за амбициите, кај МЗТ Скопје нема простор за скромни најави. Целта и оваа сезона е освојување на трофеи и борба за победа на секој натпревар.
„Моите очекувања со МЗТ се секогаш исти – напад на секој трофеј и победа на секој натпревар. Најважно е на секоја средба да го дадеме максимумот, да се бориме до крај и да не ги оставиме навивачите разочарани. Верувам дека таквиот пристап ќе нè донесе до посакуваната цел“, порача тренерот на „штрковите“.
МЗТ Скопје следниот контролен натпревар ќе го одигра в среда против ГКК Штип, во рамките на отворањето на спортскиот центар „Џексон“ во Штип.

