Шампионот МЗТ Скопје Аеродром влегува во новата кошаркарска сезона со високи амбиции и јасни цели на дури четири различни фронта. Предводникот на „металците“, Васко Атанасов, кој зад себе веќе ги собра сите можни домашни трофеи, верува дека актуелниот ростер на тимот од Аеродром е комплетно подготвен да одговори на страшниот ритам што го чека клубот во претстојниот период.
За македонскиот првак сезоната традиционално започнува в сабота со пресметката против Куманово во борбата за Суперкупот на Македонија, што ќе биде само вовед во густиот распоред исполнет со дуели од АБА2 лигата, но и од ФИБА Европа купот. Стратегот на аеродромци децидно порачува дека нема намера да прави какви било калкулации или да ги штеди силните адути во европските мечеви за сметка на регионалното натпреварување.
„Со составот што го имаме на располагање, сигурен сум дека можеме да му одговориме на густиот распоред. Наша најголема желба и амбиција е враќањето во АБА1 лигата, додека одбраната на трофеите на домашната сцена е цел која се подразбира сама по себе. Сепак, тоа во никој случај не значи дека ќе се предадеме или ќе штедиме сили во ФИБА Европа купот. Се враќаме на европската сцена по подолго време и ќе направиме сè за да се покажеме во вистинско светло, бидејќи реномето на МЗТ не дозволува калкулирање“, истакна Атанасов.
И покрај оптимизмот во сопствените редови, предводникот на сино-белите даде и искрена проценка за квалитетот на македонскиот шампионат. По серијата контролни натпревари одиграни против домашните ривали во подготвителниот период, младиот струмички стручњак предвидува дека лигата ќе биде за нијанса послаба во споредба со минатата година.
„Пријателските средби се само ориентација, но мојот првичен впечаток е дека пред нас е нешто послабо првенство во однос на ланското. Како наши главни конкуренти за трофеите ги гледам Работнички, што е одлично за целата македонска кошарка, а тука се и екипите на Куманово и ТФТ“, заклучи предводникот на МЗТ Скопје.

