Стадионот на Бешикташ во Истанбул на 20 мај ќе биде центарот на европскиот фудбал, каде во големото финале на Лигата на Европа ќе се соочат екипите на Астон Вила и Фрајбург. Двата тима покажаа неверојатен карактер во реванш средбите од полуфиналето, успевајќи да ги анулираат негативите од првите мечеви и да се изборат за шанса да го подигнат престижниот пехар, кој воедно носи и директен пласман во Лигата на шампионите.
Астон Вила приреди вистинска фудбалска лекција на реваншот против Нотингем Форест, демонстрирајќи зошто Унаи Емери се смета за „доктор“ за ова натпреварување. По негативата од првиот меч, тимот од Бирмингем вечерва одигра перфектни 90 минути и славеше со убедливи 4-0. Серијата ја отвори Оли Воткинс во 36. минута, враќајќи ја неизвесноста, додека Буендиа во 57. минута од пенал донесе предност која гарантираше финале. Целосниот дебакл на „шумарите“ го запечати капитенот Џон МекГин, кој со два прекрасни гола во финишот на средбата стави точка на импресивниот настап на Вила.
Ништо помалку возбудливо не беше ниту во Германија, каде Фрајбург успеа да ја елиминира екипата на Брага и покрај заостанувањето по првиот дуел. Работата на домаќините им беше олеснета уште во 6. минута по црвениот картон на Доргелеш, по што Фрајбург целосно ја презеде иницијативата. Кублер донесе водство во 19. минута, а пред крајот на полувремето Манзамби зголеми на 2-0. Истиот играч, Кублер, во 72. минута погоди за убедливи 3-0, а иако Брага успеа да намали преку Виктор и да внесе мала драма во финишот, германскиот претставник ја задржа предноста за својот историски пласман во финалето.
Спектаклот во Истанбул е закажан, а влогот не може да биде поголем.

