Екипите на Арсими и Тиквеш го затворија десеттото коло во ПМФЛ со атрактивно реми од 1:1. Во Гостивар се одигра динамичен и отворен меч со голем број шанси, па поделбата на бодовите на крајот беше најреален исход.
Тиквеш подобро влезе во мечот преку Лавал и Сила, но Арсими прв ја затресе мрежата во 24. минута преку Гаје, чиј гол беше поништен поради офсајд. Домаќините сепак поведоа во 38. минута кога Каба искористи грешка во одбраната и со удар од далечина го совлада гостинскиот голман. Одговорот на кавадарчани пристигна пред самиот одмор, откако Сила на асистенција на Лавал ефектно го совлада Силјановски за 1:1.
Вториот дел донесе уште повеќе возбудувања: Рамадани во 56. минута пропушти зицер за Тиквеш, а во 74. минута Арсими бараше пенал поради игра со рака на Лавал, но ВАР-проверката ги отфрли протестите. Во самиот финиш, Окере од Тиквеш ја погоди пречката со силен шут од 20 метри, додека на спротивната страна голманот Стевковски го спаси Тиквеш со извонредна одбрана при зицерот на Дошев во 88. минута.

