Меѓународен фудбал Фудбал

Арсенал падна на „Етихад“, натпреварот на сезоната му припадна на Сити

Сити и Арсенал одиграа дерби кое ги исполни очекувањата на секој љубител на фудбалот. Голови, шанси, борба, тензија, на моменти и на раб на инциденти, но ништо помалку и не се очекува од натпреварот на сезоната, во кој влогот е борбата за титулата во Премиер Лигата.

На крајот, играчите на Пеп, на својот „Етихад“ дојдоа до толку потребната победа против лидерот Арсенал. Натпреварот во кој за двата тима имаше само една опција, победа, подобро почна за домашната екипа. Рајан Шерки со бравура на мал простор во шеснаесетникот на Арсенал, во 16-та минута донесе водство за Сити. Уште не се израдуваа доволно домашните навивачи, а следуваше шок. Во 18-та минута, по катастрофалниот кикс на Донарума, Хаверц го израмни резултатот. Домашната екипа ја имаше иницијативата, имаше и шанси но резултатот до крајот на полувремето остана ист.

Во вториот дел Сити продолжи со иницијативата, но „Топџиите“ ги имаа најдобрите шанси. Спасуваше Донарума еден на еден со Хаверц, сојузник беше и стативата по ударот на Езе, а потоа следуваше казна. Халанд погоди за 2:1 во 65-та минута. Продолжија двете екипи со отворен фудбал и шанси, гостите во финишот притиснаа, повторно стативата го спасуваше Донарума по ударот на Габриел, Хаверц во продолжението имаше одлична шанса, но резултатот остана непромент.

Сити дојде до трите бода кои сега го носат на само три негатива од Арсенал, а имаат и натпревар помалку. Артета и Арсенал немаат право на кикс, не смеат да дозволат притисокот да ги сруши, ако сакаат да дојдат до долго очекуваната титула во Премиер Лигата. Предноста и моментумот се сега на страната на Сити, а притисокот над Аренал е уште поголем.

Ни остануваат уште само 5. кола во кои ќе се решава титулата, а можеби ќе бидеме сведоци на една од најнеизвесните борби за титулата, затоа што на крајот можеби и гол разликата ќе биде клучна за тоа кој ќе биде шампион.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.

Поврзани вести