Лондонски Арсенал се обидува да ја искористи затегнатата атмосфера меѓу Атлетико Мадрид и Јулијан Алварез, подготвувајќи спектакуларна понуда за засилување на својата напаѓачка линија. Според информациите на британските медиуми, раководството на „топчиите“ смисли план со кој до шпанскиот клуб ќе испрати понуда што ги вклучува нивните двајца напаѓачи, Виктор Ѓокераш и Габриел Жезус, заедно со дополнителна парична сума во замена за потписот на Алварез.
Првичната идеја на Арсенал да го откупи аргентинскиот репрезентативец за 100 милиони фунти брзо беше одбиена, бидејќи Атлетико Мадрид не планира да преговара за сума помала од 128 милиони фунти (околу 150 милиони евра). Затоа лондонскиот клуб реши во зделката да ги вклучи Жезус, кој претходно беше поврзуван со преселба во Ипсвич, и Ѓокераш, со цел значително да ја намали потребната сума во кеш и истовремено да му понуди на шпанскиот состав подготвени замени во офанзивата.
Нарушените односи меѓу Алварез и Атлетико Мадрид кулминираа изминатиот викенд кога аргентинскиот напаѓач беше исвиркан од домашните навивачи при претставувањето, влегувањето во игра и по завршувањето на натпреварот, по што самиот го напушти теренот без да ја поздрави публиката. Иако првична желба на Алварез беше преселба во Барселона, реализацијата на тој трансфер во моментов изгледа тешко остварлива, па враќањето во Премиер лигата и преминот во Арсенал стануваат сè пореална опција за продолжување на неговата кариера.

