Арис продолжува со одличните настапи во Еврокупот, а македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ повторно имаше значаен придонес во успехот на грчкиот состав. Тимот од Солун ја забележа третата победа во исто толку натпревари, откако на домашен терен ја совлада Тортoна со убедливи 88-68. Иако гостите во еден момент успеаја да се вратат во натпреварот, Арис најде начин да го наметне својот ритам и да стигне до сигурен триумф. Со новите бодови, грчкиот тим останува на самиот врв во групата А.
Домаќините уште во првата четвртина покажаа дека се решени да ја продолжат победничката серија, добивајќи ја со 31-21. Сепак, Тортoна не се откажа и пред заминувањето на одмор успеа да ја намали разликата на само еден поен (45-44), внесувајќи неизвесност во продолжението.
Клучниот момент дојде во второто полувреме, кога Арис повторно воспостави контрола врз случувањата на теренот. Поцврстата одбрана и подобрата реализација му овозможија на домашниот состав постепено да се одлепи и да ја претвори завршницата во рутинско привршување на работата. Димитријевиќ натпреварот го заврши со 15 поени, четири скока и четири асистенции, потврдувајќи ја својата важна улога во играта на Арис. Најефикасен кај победниците беше Мет Морган, кој постигна 23 поени, а додаде и четири скока и три асистенции.

